Македонија
Дознај прв
556 ПЕНЗИОНЕРИ ДОБИЈА СРЕДСТВА ОД „АЛТА БАНКА“: Од утре почнува и исплатата на социјалната помош
„АЛТА банка“ во Битола исплати средства за 556 пензионери без платежни картички. Од 6 ноември почнува и исплатата на социјалната помош.

„АЛТА банка“ АД Битола денеска изврши исплата на средства за 556 пензионери кои имаат платежни сметки во банката, но не располагаат со платежни картички. Исплатата се реализираше во филијалата во Битола, а бројот на услужени граѓани е поголем од првично планираните околу 400 исплати, соопшти Народната банка.
Исплатени средства до 20.000 денари
Иако преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, на шалтерите биле услужени и оние кои немале оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Исплатата се одвивала во најдобар ред, а согласно утврдените ограничувања, граѓаните можеле да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.
Социјалната помош ќе се исплаќа од 6 ноември
Во меѓувреме, на сметките на „АЛТА банка“ денеска се уплатени и средствата за исплата на социјалната помош од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Поради тоа, исплатата за корисниците на социјална помош ќе започне утре, 6 ноември. Филијалата во Битола утре ќе работи во две смени, а ќе биде отворена и во сабота. Од Народната банка очекуваат по завршувањето на подготовките, следната недела да бидат отворени шалтери и во другите градови. Институцијата продолжува со активности за постепено и безбедно надминување на состојбата и олеснување на пристапот до средствата на граѓаните и компаниите.

