Македонија
Дознај прв
СЕ ПУШЕЛО ВО СОБИТЕ И СЕ ОТКОРНУВАЛЕ РАДИЈАТОРИ: МОН открива проблеми во „Стив Наумов“
МОН открива инциденти во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“: пушење во соби, откорнат радијатор, активирани аларми и запушена канализација.

Во неодамна реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје биле регистрирани повеќе инциденти, меѓу кои пушење во собите, откорнат радијатор и активирање на алармниот систем, информира Министерството за образование и наука. Од МОН посочуваат дека раководството на домот се соочило и со запушена канализација поради фрлени влажни марамици, како и со автомобили паркирани на зелените површини во дворот. Алармите се активирале во два случаи – поради храна оставена во вклучена микробранова печка и поради запалена цигара во студентска соба.
МОН вели дека дел од проблемите ги предизвикале корисниците
Од Министерството наведуваат дека некои недостатоци можат да се појават во текот на користењето на објектот, но дека одредени ситуации се резултат и на несовесно однесување. Домот е под гарантен рок, а изведувачот треба да ги санира техничките недостатоци. Според МОН, сите досега регистрирани ситуации се надминати.
Студентите претходно реагираа на влага и недостиг на греење
Претходно, студенти пријавија протекување вода во собите, влага и проблеми со греењето во домот, кој неодамна беше реконструиран. Директорот на Државниот студентски дом посочи дека објектот има гарантен рок од 18 месеци, а дефектите се пријавуваат до МОН и изведувачот за санирање.
