Колумни

„Ти ли ќе ја оправиш државата?” – за дефетизмот и восхитот кон позелената трева кај комшијата

Колумна на Борис Рочовски

„Ти ли ќе ја оправиш државата?” – за дефетизмот и восхитот кон позелената трева кај комшијата

Меѓу најактуелните теми деновиве во Европа, а со тоа и кај нас, се протестите во Франција и Албанија, како и изборите во Србија. Заедничко за трите настани е што во сите три држави веќе некое време има понекогаш мирни, а многу често и не толку мирни антивладини демонстрации. Она што мене ми е интересно се реакциите на многу луѓе околу мене и размислувањата кои сѐ почесто се слушаат во нашето секојдневие во врска со овие протести и неизбежната паралела на тие случувања со (не)случувањата кај нас. Најголемиот број луѓе чие што мислење го слушам и читам се восхитуваат и ги поддржуваат демонстрантите и студентите кои се антивладини настроени. И тоа ми се допаѓа. Почитувам луѓе кои храбро, јасно и гласно ќе излезат на улица да го искажат своето мислење. Тоа што не ми се допаѓа е она кога истите луѓе прават споредба на тамошните случувања со нашето секојдневие, најчесто слушам зајадливи, саркастични и потценувачки коментари за нашиот народ.

Коментарите од типот “нас не нè бива” или “ние не можеме/не знаеме како другите” се чист дефетизам. Дефетизмот по дефиниција претставува прифаќање на пораз без борба, откажување од она што го посакуваме уште пред да се обидеме. Тоа е онаа токсична увереност дека ништо нема да се промени, па затоа не вреди ни да пробаме. Она што е најопасно според мене е тоа што дефетизмот е заразен и се шири како епидемија, а македонското ткиво изгледа како веќе да е длабоко заболено и инфицирано од оваа болест и потребно е што побргу да се излечи. Фразите како “нас не не бива” или “џабе е што и да направиме, ништо нема да промениме” се штетни и опасни, но пред сѐ неточни. Македонија има историја на успешни протести, акции и граѓански иницијативи и досега е докажано дека отпорот доколку е искрен, силен и истраен, може да вроди со плод (неколку примери се студентските протести од 2014-15, протестите на хонорарците, отпорот против рудникот кај Казандол).

Уште една проблематична работа, покрај дефетизмот е и противречноста и хипокризијата на дел од нашите сограѓани. Не треба да паднеме во таа замка да мислиме дека соседите или кои било други народи се подобри, похрабри или порешителни од нас. Не смееме да им поверуваме на оние кои како зараза ја шират таа апатија. Има луѓе кои и кога ќе им дадете можност да излезат да го искажат својот став со цел да променат некоја појава со која не се согласуваат, тие најпрво со незаинтересираност ќе ја одбијат таа можност, а потоа неретко и со потценувачки тон ќе пробаат да ве убедат дека џабе е што и да се обидете, ништо не можете и нема да промените. А, тоа се истите тие кои со восхит раскажуваат како младите луѓе во соседните и во некои подалечни држави храбро протестираат и го искажуваат своето незадоволство на улиците. Размислете убаво дали треба да им верувате на тие луѓе и дали треба да го делите истото мислење. Лично јас повеќе пати го имам слушнато прашањето “ти ли ќе ја оправиш државата?” и секој пат ми звучи само како оправдување на сопствената незаинтересираност на оној кој го изговара.

Која е психологијата на тие луѓе и која е причината за таа апатија и тој дефетизам не можам со сигурност да знам, но знам дека дел од нашите сограѓани се разочарани од некои општествени одлуки кои се донесени без да биде слушнато нивното мислење. Прашањето дали и тогаш истите воопшто се потрудиле нивниот став да биде јасно и гласно кажан, заслужува посебна анализа во смисла на тоа дали дефетизмот во овој случај е причина за општествената пасивност, или пак можеби нејзина последица.

За волја на вистината, не значи автоматски дека секое излегување на улица и секое искажување на несогласување со некоја одлука веднаш ќе вроди со плод. Од друга страна, со седење дома сигурно е само дека ништо нема да се промени, зашто однапред прифатената немоќ ја одзема и најмалата можност за било каква промена.

Има и одредена група на луѓе кои не се од старт скептични и не тврдат дека работите не можат да се променат, но тие не сакаат да учествуваат од самиот почеток. Тоа се “нека започне револуцијата, па јас ќе се приклучам” тип на луѓе. Тие за разлика од апатичните, не тврдат дека ништо и никогаш не може да се промени, но сепак мислат дека ние Македонците не можеме никогаш така сложно и храбро во голем број да го искажеме својот став. Понатаму, според нивното размислување, кога сите други би излегле на улица, тие се спремни да им се приклучат. Логично, кога сите така би размислувале и чекале, улиците би биле празни.
Изгледа дека сите сме подготвени за револуција, но сите чекаме некој друг да ја започне. Додека секој го чека другиот, кој ќе излезе прв? Чесно ли е истовремено да очекуваме промени, да ги критикуваме тие што не ги започнуваат и да ги исмејуваме оние кои ќе се обидат?
Дефетизмот и апатијата велат “сѐ е џабе, нема да не биде” и затоа нивна противтежа не е наивен оптимизам кој вели дека “сѐ ќе биде во ред”, туку конкретна акција, верување и познавање на сопствените можности, како и свесност дека иако успехот не е загарантиран, неизвесноста не смее да биде изговор.

Веројатно проблемот не е само во оние кои не веруваат во промени, туку и во оние кои ги посакуваат, но постојано чекаат некој друг да ги направи.
Можеби следниот пат кога ќе им се восхитуваме на демонстрантите во некоја друга држава, треба и да се запрашаме што би направиле ние да сме на нивно место. Или уште подобро, што правиме ние самите кога неправдата е во нашиот двор?