Македонија
Дознај прв
(ЕКСКЛУЗИВНО) РОЧОВСКИ ЗА 24ЧАСА: За дата-центрите во Пехчево целта е постигната – дебатата е отворена!
Колумна на Борис Рочовски - жител на Пехчево и граѓански активист

ЦЕЛТА Е ПОСТИГНАТА, ДЕБАТАТА Е ОТВОРЕНА!
Она што беше целта кога ја отворивме темата пред нешто повеќе од три недели, ДА ИМА ЈАВНА ДЕБАТА пред да се носат одлуки за дата центарот во Пехчево, денес е постигнато. Дебатата не само што е отворена, туку темата веќе три дена е една од главните вести во државата. Од едно локално прашање, успеавме да отвориме национална тема.
За жал, во меѓувреме имаше и се уште има обиди муабетот да се сврти на друга страна, па наместо да се зборува за тоа дали јавноста била информирана и дали требало прво да има дебата, се наметнува прашањето кој е за, а кој против дата центар. Со тоа се губи суштината на барањето: информации и анализа што конкретно ќе добие Пехчево, наместо одлука донесена на шверцерски начин, па дури потоа објаснувања. За среќа, дебатата започна и од тоа веќе нема назад!
Сега и политичките партии, и власт и опозиција, се обидуваат да го искористат случајот за дневно-политички поени. Тоа е нивна работа. Граѓаните кои не се политички обоени и размислуваат со сопствена глава знаат зошто се отвори оваа тема.
И да биде јасно уште еднаш: не сме против инвестиции, развој, бизнисмени или власт. Се бара само да се знае што точно се планира, какви се придобивките и можните последици, па врз основа на тоа да се носи одлука. Very simple, секој минимално разумен би требало да го разбере ова!
Благодарност до сите кои се вклучија и помогнаа оваа тема да стигне до тука.
Покажавме дека со упорност, добра организација и граѓанска активност може да се постигне резултат.
И најважното, дебатата е отворена.
Борис Рочовски за 24часа
