Македонија

ПЕХЧЕВО КАЖА „НЕ“ ЗА ДАТА-ЦЕНТАР: Сите 9 советници гласаа против иницијативата

ПЕХЧЕВО КАЖА „НЕ“ ЗА ДАТА-ЦЕНТАР: Сите 9 советници гласаа против иницијативата
Иницијативата за изградба на дата-центар во Пехчево е отфрлена на денешната седница на Советот на Општина Пехчево, откако СИТЕ ДЕВЕТ СОВЕТНИЦИ ГЛАСАЛЕ ПРОТИВ. Во моментов во Општина Пехчево има девет советници и тие се од партиите: 5 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 3 советници од СДСМ и коалицијата и 1 советник од Движење ЗНАМ. Сите заедно отфрлија да има дата-центар во Пехчево.
Гласањето следува по реакциите во јавноста во изминатите недели околу најавениот проект и начинот на кој се водела постапката. Меѓу главните забелешки беа недостатокот на информации за инвеститорот, како и прашањата за тоа колку вода и електрична енергија би трошел објектот. Беа изразени и сомнежи за потенцијалното влијание врз природата и животната средина, како и критики дека граѓаните и стручната јавност не биле доволно вклучени во процесот.
Граѓански активисти во изминатиот период активно работеа против изградбата на дата-центарот и повикуваа постапката да биде запрена. Реакции имаше и од ДОМ и Левица, кои побараа поголема транспарентност и одговори за влијанието на проектот врз локалната заедница и ресурсите. По денешното гласање, граѓанските активисти порачаа: „Да живее Пехчево“.