Економија

ДРЖАВАТА ЗАСТАНА ПРОТИВ БРЗИТЕ КРЕДИТИ: Над 26.000 граѓани ќе добијат поврат на незаконски наплатени средства

Над 26.000 граѓани ќе добијат назад повеќе од 140 милиони денари од финансиските друштва поради незаконска наплата на трошоци за опомени и известувања. Повратот ќе се реализира во рок од 30, 60 или 90 дена.

ДРЖАВАТА ЗАСТАНА ПРОТИВ БРЗИТЕ КРЕДИТИ: Над 26.000 граѓани ќе добијат поврат на незаконски наплатени средства

Повеќе од 26.000 граѓани во Македонија ќе добијат поврат на незаконски наплатени средства од финансиските друштва. Станува збор за над 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, кои биле наплатени за опомени и известувања поради доцнење со отплатата на брзите кредити, пренесе Фактор.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во Владата, на која беа презентирани резултатите од тримесечните инспекциски контроли спроведени кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјава. Надзорите се однесувале на периодот од 2023 до 2026 година.

Утврдени неправилности кај 18 финансиски друштва

Инспекциските контроли покажале дека кај 18 финансиски друштва биле утврдени нечесни трговски практики, поради што се издадени платни налози во вкупна вредност од над 3,5 милиони денари, односно повеќе од 56.000 евра.

Дополнително, кај две финансиски друштва биле констатирани неправилности во сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии.

Кај 12 друштва било утврдено незаконско наплаќање надоместоци за доставени известувања и опомени при доцнење со отплатата на кредитните обврски, што е спротивно на Законот за заштита на потрошувачите.

Парите ќе бидат вратени во рок од 30, 60 или 90 дена

Со инспекциските решенија, финансиските друштва се задолжени да ги вратат незаконски наплатените средства во рок од 30, 60 или 90 дена, во зависност од бројот на засегнати потрошувачи.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, појасни дека граѓаните нема да мора самостојно да поднесуваат барања за поврат на парите. Обврската е на финансиските друштва, кои треба да ги контактираат клиентите и да им ги исплатат средствата, додека инспекторите ќе го следат спроведувањето на решенијата.

Стојкоски посочи дека конечната сума што би им била вратена на граѓаните може да достигне речиси 200 милиони денари, односно околу 3,25 милиони евра.

„Ценам дека можеме да стигнеме и до близу 200 милиони денари кои би се вратиле на граѓаните. Меѓутоа, во оваа фаза имаме јасен пресек над 140 милиони денари“, изјави Стојкоски.

Можно е затворање на друштвата што нема да постапат

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека доколку финансиските друштва не постапат согласно издадените решенија, институциите ќе ги искористат сите законски механизми, вклучително и можноста за нивно затворање.

Засега не се објавени имињата на финансиските друштва кај кои се утврдени неправилностите, бидејќи постапките и дополнителните проверки сè уште се во тек.

Стојкоски најави и дека Државниот пазарен инспекторат има план за проверки во банкарскиот сектор, по прашањата поврзани со наплатата на банкарските провизии. Детали за обемот и времетраењето на овие контроли засега не се соопштени.

Жан Митрев