Македонија
Дознај прв
КРАДЕЛЕ ИДЕНТИТЕТИ И ПОДИГАЛЕ БРЗИ КРЕДИТИ: Обвинети шест лица, меѓу нив и службеник од ФЗО
Обвинети се шест лица за измами со брзи кредити и украдени идентитети, а службеник од ФЗО обезбедувал лични податоци за жртвите.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвиненија против шест лица осомничени за компјутерски измами и фалсификување исправи при подигнување брзи кредити со украдени лични податоци. За уште 33 лица е поднесен предлог за издавање казнен налог поради соучесништво во криминалната шема.
Креирале лажни профили во финансиски друштва
Според Обвинителството, обвинетите внесувале невистинити информации во електронските системи на повеќе финансиски друштва. Со лажни податоци за вработување создавале услови за одобрување и исплата на брзи кредити.
За реализација на измамите биле користени лажни исправи и лични податоци на граѓани кои не знаеле дека на нивно име се подигнуваат кредити. На тој начин, во системите биле создадени невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците.
Вработен во ФЗО обезбедувал податоци за жртвите
Според истрагата, во шемата им помагало службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување. Тој, злоупотребувајќи ја службената положба, преку електронскиот систем на Фондот обезбедувал ЕЗБО броеви и други податоци потребни за злоупотреба на идентитетите.
Потоа осомничените ги користеле информациите за да повлекуваат парични средства од финансиските друштва на име на оштетените граѓани. Случајот доби обвинителен епилог по спроведена истражна постапка на Основното јавно обвинителство Скопје.
