Македонија
Жалење како научна дисциплина
Колумна на Никола Николовски - Боемот

Жалење како научна дисциплина
Многу се нервирам што сè почесто слушам врсници како се жалат. Се жалат за сè и сешто, друг муабет речиси и да немаме. Се жалат од професорите, од газдите на работа, од животот во Скопје. Се жалат и патат. Патат по младоста која сè уште не им поминала. Бараат некое си минато, наместо да живеат во сегашноста и да направат подобра иднина.
Наместо да бидеме двигателот на промени и последниот бедем на искрениот претприемачки дух, ние се претопуваме во медиокритетот. Сакаме да се жалиме, наместо да работиме и да создаваме нешто ново. Вистината е едноставна и сурова – мрзливи сме.
Се жалите од платата? Прашајте се – што ново научивте оваа година? Кое знаење, која вештина ја додадовте на своето име? ВАЖНО е дека финансиската писменост не почнува со плата, туку со вредност. Кога си лесно заменлив, тогаш си и малку платен. Но кога си добар пазарот те бара и ти ја диктираш цената, а не газдата.
Мора да искоментирам и уште една „мода“, коментари од типот „депресивен сум“. Ова денес го слушам како да е тренд. Депресивен од што? Од тоа што викендот помина, од тоа што нема пари за бело, од тоа што не си центар на вниманието? Ако имаш вистински проблем, решавај го! Темата е многу сензитивна и водејќи се по моето искуство на оние кои им е најтешко тоа не го ни зборат. Барај помош, оди во црква, зборувај со психолог, човек што може да те подигне. Ако не – престани да продаваш тага за аплаузи.
Бидете благодарни за она што го имате, пред да го изгубите. Не заборавајте дека пред некоја година сте мечтаеле да имате работи кои ви се достапни денес, а сега не ги цените. Работете на себе, вежбајте, инвестирајте во знаење, вештини, здравје. Жалењето ни стана научна дисциплина, ама можеме да ја замениме со дисциплина на учење, штедење и создавање.
И запомнете – „Пазете што посакувате, може и да ви се оствари“.
