Македонија
Дознај прв
(ФОТО) ОД ЌЕЛИЈА ДО АСФАЛТ: Затвореници го собираат ѓубрето покрај магистралите низ Македонија
Затвореници од девет казнено-поправни установи учествуваат во седумдневна акција за чистење на отпадот покрај магистралните и регионалните патишта.

Затвореници од повеќе казнено-поправни установи се вклучени во седумдневна работна акција за чистење на просторот покрај магистралните и регионалните патишта низ Македонија. Акцијата се спроведува на околу десет локации и е резултат на соработката меѓу Управата за извршување на санкциите и Јавното претпријатие „Македонијапат“. Главната цел е собирање на отпадот и уредување на патниот појас покрај клучните сообраќајници.
Го собираат отпадот фрлен од несовесни патници
Осудените лица го собираат ѓубрето што најчесто го оставаат несовесни возачи и патници покрај патиштата. На дел од локациите се отстранува плевелот од рабниците и се поткаструва вегетацијата. Во акцијата се вклучени лица од затворите во Идризово, Штип, Прилеп, Куманово, Битола, Скопје, Гевгелија, Струмица и Струга.
Работат под надзор на затворската полиција
Од Управата за извршување на санкциите информираат дека осудените лица се ангажирани на патишта во непосредна близина на установите во кои ја издржуваат казната. Во текот на активностите тие се под постојан надзор на припадници на затворската полиција. Акцијата има цел да придонесе за почисти патишта, но и за ресоцијализација на осудените лица преку стекнување работни навики.





