Свет
Дознај прв
УКРАИНА ДОБИ НОВ ПРЕМИЕР: Поранешниот директор на „Нафтогас“ доби поддршка од 289 пратеници
Украинскиот парламент го избра Сергеј Корецки за нов премиер со поддршка од 289 пратеници. Тој претходно раководеше со „Нафтогас“.

Сергеј Корецки
Украинскиот парламент го избра Сергеј Корецки за нов премиер на земјата, во рамки на големата реконструкција на Владата иницирана од претседателот Володимир Зеленски. За назначувањето на Корецки гласаа 289 пратеници, значително повеќе од потребните 226 гласа.
Од енергетскиот сектор на чело на Владата
Корецки претходно раководеше со украинската државна енергетска компанија „Нафтогас“, а во парламентот беше претставен како способен и ефикасен менаџер. Пред гласањето тој порача дека негови главни приоритети ќе бидат одбраната на Украина, економската стабилност и напредувањето на земјата кон Европската Унија.
Една од неговите најважни задачи ќе биде подготовката на Украина за уште една воена зима, во услови на постојани руски напади врз енергетската инфраструктура. Корецки ќе треба да обезбеди стабилност на енергетскиот систем и снабдувањето на населението со греење, вода и електрична енергија.
Доаѓа на местото на Јулија Свириденко
Новиот премиер ќе ја наследи Јулија Свириденко, која ја напушти функцијата во рамки на владината реконструкција. Станува збор за нова голема кадровска промена во украинската власт од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Изборот на Корецки се случува во време на политички тензии во Украина, предизвикани и од разрешувањето на министерот за одбрана Михајло Федоров. Одлуката предизвика протести во Киев и во други градови, каде граѓаните изразија незадоволство од промените во раководството на одбраната.
