Македонија
Дознај прв
ГЕРМАНСКИОТ ВОЕН ВРВ СО ПОФАЛБИ ЗА МАКЕДОНИЈА: Значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа
Генералот Карстен Бројер оцени дека Македонија е значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа и важен сојузник во НАТО.

Македонија претставува значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа, оцени началникот на Вооружените сили на Германија, генерал Карстен Бројер, кој престојува во официјална посета на македонската Армија. Тој нагласи дека придонесот на земјава кон регионалната и колективната безбедност е високо ценет од Германија.
Потврдена долгогодишната соработка меѓу двете армии
По приемот со високи воени почести, Бројер во Генералштабот се сретна со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. На средбата била потврдена долгогодишната соработка преку заеднички обуки, воени вежби, развој на способности и други форми на билатерална соработка.
Делегациите разговарале и за регионалната и глобалната безбедносна состојба, плановите на НАТО за Југоисточна Европа, учеството во меѓународни мисии, како и за модернизацијата и опремувањето на македонската Армија. На германската делегација ѝ биле претставени и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.
Целта е зајакнување на европскиот столб на НАТО
Генералот Бројер порача дека Германија ја поддржувала Македонија на патот кон членството во НАТО, а партнерството дополнително се продлабочило по приемот на земјава во Алијансата. Како заедничка цел го посочи зајакнувањето на европскиот столб на НАТО преку единство, развој на способности и конкретен воен придонес.
Бројер оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски, на која била потврдена одличната одбранбена соработка меѓу двете земји. Во рамките на посетата се предвидени и средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
