Свет
Дознај прв
ХАКЕРСКИ НАПАДИ ВРЗ СУПЕРМАРКЕТИ НИЗ ЕВРОПА: Фрижидери загревани до 50 степени, уништена храна и штети од милиони
Сајбер-напади врз супермаркети низ Европа ги загреале фрижидерите до 50 степени, предизвикувајќи уништена храна, празни полици и големи штети.

Хакерите веќе не напаѓаат само банки и болници, туку сè почесто цел на нивните напади стануваат и супермаркетите. Во неколку европски земји, хакери од далечина ги презеле системите за ладење и ги зголемиле температурите во фрижидерите и замрзнувачите до 50 степени Целзиусови. Последиците се уништена храна, празни полици и големи финансиски загуби за трговските синџири. Нападите се пријавени во Италија, Белгија, Шведска, Франција и други европски земји.
Погодени десетици супермаркети, фрлена храна вредна илјадници евра
Во Италија, напади биле пријавени во шест продавници на Сицилија, како и во Тоскана и Емилија-Ромања, а групацијата „Кооп Раденца“ потврдила дека најмалку четири нејзини супермаркети биле мета. Во Белгија биле погодени повеќе од 60 продавници, а портпаролката на „Карфур“, Режин ван Томе, објаснила дека поради промената на температурата производите мора да бидат уништени. Управителот на една од продавниците, Диего Луверс, вели дека штетата веќе достигнува десетици илјади евра, додека точната сума сè уште се утврдува.
Нападите се шират низ Европа, властите бараат посилна заштита
Слични инциденти биле регистрирани и во Луксембург, Холандија, Франција, Финска, Ирска, Шведска и Естонија. Во Шведска и Франција, управителите на продавници сведочат за уништени производи и големи загуби, а купувачите се соочиле со празни полици и неизвесност околу повторното снабдување. Европските власти ги повикуваат компаниите да ја зајакнат сајбер-заштитата, со користење ВПН и повеќефакторска автентикација за далечински пристап, како и засилен надзор на корисничките сметки и редовно ажурирање на уредите. Истрагите треба да утврдат кој стои зад нападите и како успеал да ги преземе системите за ладење.
