Македонија

97 ОТСТО ОД СТУДЕНТИТЕ БАРААТ ПОВИСОК СУБВЕНЦИОНИРАН ОБРОК: Сакаат 4.500 денари месечно и го претпочитаат стариот модел

Анкета на Националното студентско тело со околу 7.000 студенти покажува дека 97 проценти бараат оброк од 4.500 денари, а 79,5 проценти го претпочитаат стариот модел.

97 ОТСТО ОД СТУДЕНТИТЕ БАРААТ ПОВИСОК СУБВЕНЦИОНИРАН ОБРОК: Сакаат 4.500 денари месечно и го претпочитаат стариот модел

Околу 7.000 студенти учествувале во онлајн анкетата на Националното студентско тело за најавениот нов модел на субвенциониран студентски оброк, а резултатите покажуваат дека 97 проценти бараат зголемување на месечниот износ на 4.500 денари, односно околу 180 денари дневно. Истовремено, 79,5 проценти од анкетираните го претпочитаат постојниот модел со платежни картички. Од Националното студентско тело велат дека приоритет треба да биде зголемувањето на средствата, а не воведувањето нов систем од идната академска година.

Студентите бараат зголемување веднаш, а не од 2027 година

Претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска, на прес-конференција порача дека студентите бараат дневниот износ од сегашните 140 денари да се зголеми на околу 180 денари, согласно инфлацијата. Таа посочи дека, според нивните толкувања, три години не се почитува законската обврска за годишно усогласување на износот со инфлациската стапка. „Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи“, изјави Василевска, додавајќи дека со 140 денари не може да се обезбеди ниту делумен оброк во факултетските бифеа.

Ако нема одговор од МОН, најавуваат протест

Василевска смета дека попустите и поволностите што се најавуваат со новиот модел не претставуваат нова мерка, бидејќи студентите веќе користат такви можности во угостителски објекти и продавници. Таа го оцени планираното воведување на моделот од октомври 2027 година како одолговлекување и уште една година чекање за студентите. Резултатите од анкетата и барањата денеска ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука, од кое студентите очекуваат одговор во рок од две недели. Доколку барањата не бидат исполнети, Националното студентско тело најавува протест.

Жан Митрев