Регион
Дознај прв
ШЕСТ ЛИЦА ИСЧЕЗНАА ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ВО КОСОВО: Меѓу исчезнатите има и деца
Шест лица исчезнале на Косово во текот на една недела, меѓу нив и две девојчиња. Полицијата ги истражува случаите, засега без индикации за поврзаност.

Шест исчезнувања во една недела во Косово, меѓу кои и маж од Ѓаковица
Косовската полиција трага по 54-годишниот Авди Ќуни од Ѓаковица, кој на 13 октомври го напуштил својот дом и оттогаш му се губи секаква трага. Според информациите објавени во косовските медиуми, тој излегол од дома околу 7 часот наутро и не се вратил.
Неговата сопруга и двете деца се обиделе да го пронајдат, но безуспешно. Сопругата изјавила дека исчезнувањето можеби е поврзано со финансиски проблеми и долгови што тој не можел да ги отплати. Таа се сомнева дека можеби заминал за да избегне средба со луѓето на кои им должел пари.
Според нејзината изјава, Ќуни немал телефон со себе, а не знаел ниту да го користи, што дополнително ја отежнува потрагата. По пријавувањето на исчезнувањето, бил известен обвинител, а полицијата отворила истрага, пренесе Слободен печат.
Пријавени исчезнувања во Глоговац и Вучитрн
Во текот на 16 октомври биле пријавени уште два случаи. Во Глоговац, татко пријавил дека неговата ќерка излегла од дома и дека не знае каде се наоѓа.
Истиот ден, во Вучитрн, исчезнала жена. Нејзиниот брат пријавил дека таа го напуштила семејниот дом, по што немале информации за нејзиното движење.
Исчезнати и две девојчиња од Гњилане
Особено загрижувачки е случајот со две девојчиња, другарки од селото Горњи Ливоч во близина на Гњилане. Нивното исчезнување било пријавено вечерта на 16 октомври, околу 23:50 часот.
Според изјавите на нивните семејства, девојчињата излегле заедно, но оттогаш никој не знае каде се. Косовската полиција не ги објавила нивните имиња, возраста или дополнителни детали за околностите на исчезнувањето.
Во истиот период бил пријавен и случај на исчезнат маж од Косово Поле, по кој полицијата сè уште трага.
Иако во текот на една недела биле пријавени шест исчезнувања, засега нема индиции дека случаите се меѓусебно поврзани.
