Регион

ЛАЖЕЛ ДЕКА ИМА ЛЕУКЕМИЈА И СОБРАЛ НАД 190.000 ЕВРА ДОНАЦИИ: Уапсен маж од Косово, одреден му е притвор

Маж од Косово е уапсен под сомнение дека лажно претставил дека боледува од леукемија и преку хуманитарна кампања собрал над 190.000 евра.

ЛАЖЕЛ ДЕКА ИМА ЛЕУКЕМИЈА И СОБРАЛ НАД 190.000 ЕВРА ДОНАЦИИ: Уапсен маж од Косово, одреден му е притвор

Полицијата во Косово уапси маж осомничен дека лажно тврдел оти боледува од леукемија за да собере пари за лекување во странство. Ендрит Аземи преку хуманитарна кампања наводно собрал повеќе од 190.000 евра од граѓани и дијаспората, објави „Газета експрес“. Од собраните средства, над 160.000 евра биле донирани преку платформата „ГоуФандМи“, додека повеќе од 26.000 евра биле собрани од граѓани на улиците во центарот на Гнилане. Основниот суд во Гњилане му одредил едномесечен притвор, а истражителите се сомневаат дека во собирањето на парите му помагале и членови на неговото семејство.

Семејството тврди дека верувало во неговата болест

Братот на осомничениот, Гзим Аземи, изјавил дека и семејството верувало оти Ендрит навистина има леукемија, бидејќи видел медицински документи со печати и информации за наводните терапии. Според него, започнало враќањето на донациите собрани преку „ГоуФандМи“, додека парите собрани во Гнилане се блокирани од полицијата. Тој ги повикал донаторите кои сакаат да си ги вратат средствата да се обратат во полиција. По објавувањето на случајот, семејството се пожалило и на навреди и закани од граѓани, поради што побарало помош од полицијата.

Обвинителството од Косово се сомнева во измама со хуманитарната кампања

Според обвинителството, Аземи на 9 ноември измислил дека боледува од акутна леукемија со намера да оствари противправна имотна корист. Потоа отворил кампања на „ГоуФандМи“ и собирал донации во Косово и меѓу дијаспората, тврдејќи дека парите ќе ги искористи за лекување и рехабилитација.

ОЗНАКИ: косово
Жан Митрев