Регион
Дознај прв
12 ТОНА МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ ВРАТЕНИ ОД КОСОВО: Ешерихија коли откриена во претходни пратки од Тетово
Косово запре две пратки со 12.268 килограми млечни производи од Тетово поради забрана за увоз, воведена по откривање ешерихија коли во претходни пратки.

Две пратки со вкупно 12.268 килограми млечни и прехранбени производи од млекарница од Тетово се запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ и се враќаат во Македонија, објавија косовските медиуми. Според информациите, пратките не добиле дозвола за влез на Косово поради забраната за увоз од овој производител, воведена на 6 ноември. Забраната била донесена откако лабораториските анализи на претходни производи покажале присуство на бактеријата ешерихија коли на дозволените гранични премини.
Македонските инспектори спровеле вонреден надзор во Тетово
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека веќе спровеле вонреден инспекциски надзор во тетовската млекарница. При контролата биле земени брисеви и примероци од производството, кои биле испратени на анализа во две лаборатории. Од АХВ посочуваат дека доколку се утврдат неправилности, стоката што се враќа од Косово веднаш ќе биде уништена.
Не е првпат македонски производи да се вратени
Ова не е прв случај македонски производи да бидат вратени од странски пазари поради сомнежи за безбедноста на храната. Неодамна, Бугарија вратила речиси 20 тони македонски јаболка поради утврдено присуство на пестициди над дозволените гранични вредности. Исто така, лани од Хрватска биле вратени пратки со пиперки и грозје од македонско потекло.

