Македонија
Дознај прв
ВТОРА ВРАТЕНА ПРАТКА ЗА ЕДНА НЕДЕЛА: Бугарија враќа уште 19 тони македонски јаболка поради пестициди
Бугарските власти запреа две пратки со вкупно 40.439 килограми македонски јаболка поради присуство на пестициди над дозволените граници.

Бугарските власти запреле уште една пратка со јаболка од Македонија, откако лабораториските анализи покажале присуство на остатоци од пестициди над дозволените граници. Станува збор за 19.350 килограми јаболка кои нема да бидат пуштени на пазарот на Европската Унија, туку ќе бидат вратени во земјата на потекло, соопшти Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ).
Втора запрена пратка за неколку дена
Ова е втора пратка со македонски јаболка запрена на бугарската граница за помалку од една недела. На 29 октомври, контролните органи запреле друга пратка тешка 21.089 килограми, кај која бил откриен пестицид чија употреба е забранета во Европската Унија. И таа пратка требало да биде вратена во земјата од која била извезена.
Вкупно запрени над 40 тони јаболка
Со двата случаи, бугарските власти за помалку од една недела запреле вкупно 40.439 килограми јаболка извезени од Македонија. Од БАБХ информираат дека контролите врз увозот на свежо овошје и зеленчук продолжуваат, со цел да се спречи пласирање производи што не ги исполнуваат пропишаните стандарди за безбедност на храната.
