Македонија
Дознај прв
ЧЕТИРИ СЛУЧАИ НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА: Заразени три бебиња и 40-годишен маж
Во Македонија се потврдени четири случаи на мали сипаници, меѓу нив три бебиња. Опфатот со МРП-вакцинација е само 62 проценти.

Четири лабораториски потврдени случаи на мали сипаници се регистрирани во Македонија, а здравствените власти проверуваат дали постои поврзаност меѓу заразените. Меѓу заболените се три бебиња помали од една година и маж на 40-годишна возраст. Едно од бебињата е државјанин на Косово и било лекувано на Инфективната клиника, додека другите случаи се од Скопје, Велес и Штип. Ниту еден од заболените не бил вакциниран со МРП-вакцина. Засега, според здравствените власти, нема услови за прогласување епидемија.
Надлежните повикуваат на вакцинација
Граѓаните се повикани да се вакцинираат, а доколку имаат температура и осип, да го контактираат матичниот лекар и да не одат во чекалните во ординациите, со цел да се намали ризикот од ширење на заразата. Институтот за јавно здравје испратил упатства до градинките и училиштата, како и протоколи до граничните премини.
Опфатот со МРП-вакцинација е само 62 %
Загриженоста е зголемена поради нискиот опфат со имунизација, кој изнесува 62 проценти. Епидемија на морбили веќе прогласија соседните Бугарија и Косово. Пред седум години епидемија имаше и во Македонија, кога беа регистрирани повеќе од 2.000 заболени и четири смртни случаи како последица на компликации.
