Македонија
Дознај прв
НА СУДЕЊЕТО СЕ ПОЈАВИЈА НОВИ 400.000 ЕВРА: Мајката на судијата Ристов уплатила за четири станови
Мајката на судијата Ѓоко Ристов уплатила околу 400.000 евра за четири неизградени станови, сведочеше инвеститорот пред Кривичниот суд.

Мајката на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов во јануари 2025 година уплатила околу 400.000 евра за четири станови, кои во тој момент сè уште не биле изградени. Ова денеска во Кривичниот суд го кажал инвеститорот Круме Апостолов, кој сведочел во постапката против Ристов.
СТАНОВИТЕ БИЛЕ ОКОЛУ 250 КВАДРАТНИ МЕТРИ
Според сведочењето, четирите станови имале вкупна површина од околу 250 квадратни метри, а договорот бил склучен кај нотар. Изградбата доцнела поради проблеми со документацијата, по што Донка Ристова побарала да ѝ биде вратен дел од уплатената сума. Инвеститорот рекол дека парите веќе ги инвестирал и не ѝ ги вратил.
Во вкрстеното испрашување, Апостолов посочил дека за становите немал комуникација со судијата Ристов, ниту пак имал предмет кај него. Адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ, по рочиштето изјавил дека и 400.000 евра уплатени за становите и 350.000 евра пронајдени соѕидани во куќа во Неготино се пари на родителите на неговиот клиент.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОСПОРУВА ВРСКАТА МЕЃУ ПАРИТЕ
Одбраната тврди дека Обвинителството не докажало дека средствата му припаѓаат на судијата. Обвинителката Искра Хаџивасилева, пак, оценила дека сведочењето го оспорува тврдењето дека 350.000 евра пронајдени во ѕидот се дел од парите уплатени за становите.
Ѓоко Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Во куќа во Неготино претходно беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид, распоредени во 13 пакувања.
