Економија
Дознај прв
ЌЕ ПОСКАПАТ ЛИ ПАРНОТО И СТРУЈАТА ПО НОВА ГОДИНА?! МЕПСО бара речиси двојно повисока тарифа
МЕПСО бара зголемување на тарифата за пренос на струја за околу 98%, а топлинските компании бараат промени на цените. РКЕ ги анализира барањата.

МЕПСО бара речиси двојно зголемување на тарифата за пренос на електрична енергија, а компаниите од топлинскиот сектор побарале промени на одобрените приходи и цената на парното. Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) потврдуваат дека барањата се пристигнати и дека се анализираат. Засега нема конечна одлука дали и колку ќе поскапат струјата и топлинската енергија од почетокот на 2027 година.
МЕПСО бара раст на тарифата од околу 98 проценти
МЕПСО бара тарифата за пренос на електрична енергија да се зголеми од 0,3018 на 0,5966 денари за киловат-час, што претставува раст од околу 98 проценти. Сепак, ова не значи дека крајните сметки за електрична енергија автоматски би се зголемиле за истиот процент. Од компанијата велат дека располагаат со механизми за приспособување на финансиското и оперативното работење, дури и ако РКЕ не го одобри бараното зголемување. МЕПСО, меѓутоа, не ги посочил конкретните трошоци што го наметнуваат барањето.
Неизвесни се и цената на струјата и тарифата за парно
Не е утврдена ниту цената по која ЕСМ ќе ја понуди електричната енергија за 2027 година. Компанијата сè уште ги анализира трошоците и производствените проекции, а пресметките треба да ѝ бидат доставени на Владата до крајот на октомври. Владата ќе ја утврди регулираната цена со која ЕСМ ќе учествува на тендерот на ЕВН Хоум за снабдување со до 70 проценти од потребната електрична енергија, додека за преостанатите 30 проценти ЕСМ дополнително ќе одлучува.
Притисок има и врз трошоците за производство на парно. Од ЕСМ посочуваат дека цената на природниот гас на берзата EEX/TTF во октомври пораснала за околу 60 проценти во однос на цената земена предвид при одобрувањето на тарифите. РКЕ треба да ги провери пријавените трошоци и да оцени кои се оправдани пред да донесе одлука за цената на топлинската енергија. Засега нема потврдено поскапување ниту процент за парното, ниту конечна цена на струјата за следната година.
