Свет

ДРАМА ВО ПОСЛЕДНИТЕ СЕКУНДИ: SpaceX го откажа лансирањето на Starship поради дефект на моторите

SpaceX го прекина лансирањето на Starship само неколку секунди пред полетувањето, откако четири мотори не се активирале.

ДРАМА ВО ПОСЛЕДНИТЕ СЕКУНДИ: SpaceX го откажа лансирањето на Starship поради дефект на моторите

Компанијата SpaceX го прекина пробното лансирање на ракетата Starship само неколку секунди пред планираното полетување од лансирната рампа во Тексас. Одлуката била донесена откако автоматскиот систем открил проблеми со моторите на најголемата и најмоќна ракета во светот.

Четири мотори не се активирале

Податоците прикажани за време на преносот покажале дека четири мотори откажале, по што преостанатите 29 биле веднаш исклучени. Ракетата останала безбедно на рампата, а тимот започнал со испуштање на горивото. Ова е првпат Starship со целосна големина да доживее прекин на лансирањето во последен момент.

Основачот на SpaceX, Илон Маск, соопшти дека два мотори ќе бидат заменети за да се обезбеди успешно следно полетување. Според неговите најави, нов обид за лансирање е можен на почетокот на следната недела.

Требаше да носи 20 сателити Starlink

За време на планираниот едночасовен тест-лет, Starship требаше да носи 20 нови сателити Starlink и да ги распореди во вселената. Мисијата требаше да вклучува и тестирање на комуникацијата со постоечката сателитска мрежа, како и снимање на топлинскиот штит на леталото.

Starship има големо значење и за американската вселенска агенција НАСА, која планира да го користи леталото за идни мисии и слетување астронаути на Месечината во рамки на програмата „Артемида“.

Жан Митрев