Македонија
Дознај прв
17 ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА СО „ИЛИНДЕН“: Охрид се сеќава на 15-те жртви
Во Охрид се одбележаа 17 години од трагедијата со бродот „Илинден“, во која загинаа 15 бугарски туристи.

Во Охрид денеска беа одбележани 17 години од трагичната несреќа со бродот „Илинден“, во која животот го загубија 15 бугарски туристи. На спомен-обележјето „Солза на Роза“ беше положено цвеќе во знак на почит и сеќавање на жртвите. На комеморацијата присуствуваа делегации од Општина Охрид, Амбасадата на Бугарија, Генералниот конзулат во Битола, локални институции, здруженија и граѓани. Генералниот конзул на Бугарија изрази благодарност до сите кои учествувале во спасувањето на патниците по несреќата.
Кобното утро на Охридското Езеро
Трагедијата се случи на 5 септември 2009 година, кога „Илинден“ со 57 патници потона на околу 250 метри од брегот, кај автокампот „Елешец“. Осум од загинатите биле жители на општина Антон, четворица од Пирдоп, а по еден од Златица, Мирково и Рибарица.
„Илинден“ и денес е нем сведок
Бродот беше извлечен од езерото две недели по несреќата и одвлечен до каналот Студенчишта, каде што се наоѓа и денес. Пред шест години во негова близина беше откриен споменикот „Солза на Роза“, кој потсетува на една од најтешките трагедии на Охридското Езеро.
