Македонија
Дознај прв
Здружението на судиите алармира: Судството е на работ на функционален опстанок
Здружението на судиите алармира за недостиг на судии, администрација и финансии. Бара итни реформи, кадровско зајакнување и стабилно финансирање на судството.

Бараат системски решенија и стабилно финансирање
Македонското судство се соочува со алармантен недостиг на судии, судска администрација и финансиски средства, што сериозно го загрозува неговото функционирање и можноста граѓаните навремено да добијат правда. Ова е главната порака од денешното соопштение на Здружението на судиите, кое предупредува дека состојбата бара итни и суштински мерки.
Повикувајќи се на Годишниот извештај на Судскиот совет за 2025 година, Здружението оценува дека судската власт е доведена до критична состојба, додека најавуваните реформи, новите стратегии и законските измени не успеваат да обезбедат реално подобрување на условите за работа.
„Реформите не смеат да останат декларативни заложби и законски решенија на хартија, туку мора да произведуваат конкретни и мерливи резултати во практиката“, порачуваат од Здружението.
Здружението бара системски пристап кој ќе вклучи ревизија на судската мрежа, дигитализација и примена на вештачка интелигенција, кадровско зајакнување на судската администрација и обезбедување стабилно и предвидливо финансирање на судството.
Истовремено, се нагласува дека судиите и судските службеници, и покрај сериозните ограничувања, продолжуваат да ги извршуваат своите обврски, честопати со натчовечки напори.
„Судството не бара привилегии, туку услови за достоинствено, независно и ефикасно вршење на својата уставна функција“, се наведува во соопштението.
Предупредуваат дека најмногу ќе трпат граѓаните
Од Здружението предупредуваат дека без конкретни решенија, дополнително ќе се продлабочуваат проблемите со функционирањето на судовите, што на крајот најмногу ќе ги погоди граѓаните.
„Правдата не може да биде ефикасна без судии, без професионална судска служба и без соодветни ресурси. Судството не смее да биде оставено да опстанува на работ на своите можности“, порачува Здружението на судиите, повикувајќи ги надлежните институции на итна и координирана акција.