Регион
Дознај прв
КОС СО ЈАСНА ПОРАКА ДО СРБИЈА: Нема напредок кон ЕУ без усогласување со санкциите против Русија

Европската комесарка за проширување Марта Кос испрати јасна порака до Србија дека нејзиниот европски пат ќе биде сериозно отежнат доколку Белград не ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со онаа на Европската Унија. Одговарајќи на прашањето дали Србија може да стане членка на ЕУ без да ги поддржи санкциите против Русија, Кос оцени дека напредокот во такви околности веројатно нема да биде возможен. Таа нагласи дека усогласувањето со европските стратешки интереси е особено важно во контекст на руската војна во Украина.
Марта Кос – „Тоа ќе биде многу, многу тешко“
„Нема да биде возможно земја што не се усогласува со нас за стратешките интереси, односно за надворешната и безбедносната политика, да напредува“, порача Кос во интервју за ТВП Ворлд. Таа посочи дека заедничкиот пристап кон Русија е важен дел од европската надворешна политика и дека Србија ќе мора да покаже конкретни чекори, а не само декларативна поддршка за членството во Унијата.
ЕУ чека формирање на новата српска влада
Кос истакна дека Европската Унија сè уште не започнала разговори со новата влада во Србија и дека прво треба да се формираат новите институции, по што ќе се процени како може да продолжи соработката. Таа претходно порача дека Србија мора да покаже поголема посветеност на реформите и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
