Дознај прв
ЈАНЕВСКА: Стануваат видливи резултатите од научните проекти што ги поддржавме со буџет од 6 милиони евра
Весна Јаневска соопшти дека стануваат видливи резултатите од 50 научноистражувачки проекти финансирани со шест милиони евра.

Владата минатата година издвои шест милиони евра за финансирање на имплементацијата на 50 научноистражувачки проекти од јавен интерес, а според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, веќе стануваат видливи резултатите од оваа поддршка. Таа го истакна ова на отворањето на меѓународната научна конференција на ЈНУ Институт за интелектуална сопственост – „Интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во македонското општество“. Проектот е организиран во рамки на проектот „Фактори на управувањето со интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во Македонија“, финансиран од Министерството за образование и наука.
Фокус на дигиталната трансформација и интелектуалната сопственост
Јаневска посочи дека проектот го истражува влијанието на дигиталната трансформација врз правната рамка за заштита на интелектуалната сопственост. Меѓу темите се технолошкиот развој, забрзаната дигитализација, новите можности и предизвиците поврзани со правата, регулаторните рамки и заштитата на авторските дела, трговските марки, патентите и личните податоци. Според министерката, овие процеси отвораат нови прашања за кои е потребно усогласување со современите европски и светски тенденции.
Науката како двигател на развојот
Министерката нагласи дека науката има важна улога во развојот на општеството и дека поддршката за истражувачката работа треба да создаде реална вредност за институциите, економијата и граѓаните. Таа додаде дека целта е да се овозможи поширок пристап до најновите глобални научни бази, како Web of Science и Scopus, за македонските научници и академски професори. Јаневска посочи и дека Министерството ги покрива трошоците за објавување научни трудови во списанија со импакт-фактор, како и учеството на меѓународни научни конференции и објавувањето трудови во зборници.