Македонија
Дознај прв
ПРЕВОЗНИЦИТЕ НА ПРОТЕСТ ПРЕД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ: Бараат решение за ограничениот престој во Шенген
Македонските превозници денеска протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје и бараат решение за ограничениот престој во Шенген.

Превозниците денеска од 12 до 14 часот ќе одржат предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Протестот е организиран од транспортната асоцијација „Макам-транс“, а превозниците бараат решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Ќе бидат паркирани 20-ина товарни возила пред Делегацијата на ЕУ
Пред Делегацијата на ЕУ ќе бидат паркирани околу 20 товарни возила од Скопје, а на протестот ќе присуствуваат сопственици на транспортни компании, возачи и други вработени од повеќе делови на земјава. Превозниците се соочуваат со проблеми поради правилото 90/180, според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
Бараат нивното прашање да биде на дневен ред
Од „Макам-транс“ велат дека протестот е предупредување до Европската Унија, бидејќи според нив во изминатите седум месеци не е најдено решение за проблемот. Утре, на 1 септември, се очекува состанок на претставници на земјите од Шенген-зоната, на кој превозниците бараат да биде ставено на дневен ред и нивното прашање. Истовремено, протести на превозници ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
