Македонија

И покрај дождот, пожарите не стивнуваат: Ангелов предупредува на намерно подметнати огнови

И покрај дождот, вчера биле регистрирани најмалку 31 пожар на отворен простор. Ангелов предупредува дека дел од пожарите се намерно подметнати.

И покрај дождот, пожарите не стивнуваат: Ангелов предупредува на намерно подметнати огнови

И покрај дождот кој во изминатите денови зафати голем дел од земјава, бројот на пожари на отворен простор не се намалува. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека само вчера биле регистрирани најмалку 31 пожар. Особено загрижува тоа што повторно биле намерно подметнати пожари на Китка и на планината Жеден.

Пожарот кај Грачани и Никиштане сè уште активен

Големиот пожар кај Грачани и Никиштане, кој пред три дена од косовска страна навлегол на македонска територија, сè уште е активен. Во неговото гаснење се ангажирани екипи од земја, како и армиски и полициски хеликоптер и два „ер трактори“. Ангелов посочи дека двете села во моментов не се загрозени, иако чадот поради ветерот се проширил кон Скопје.

Ангелов со апел до граѓаните: Пријавете сомнително однесување

Дополнителен активен пожар има и во близина на Копаница, во подножјето на Жеден, каде според Ангелов повторно се појавуваат нови жаришта од двете страни на планината. Тој ги повика граѓаните да бидат внимателни и секое сомнително однесување поврзано со подметнување пожари да го пријават на 112, во најблиската полициска станица или кај полицаец или пожарникар.