Македонија
Дознај прв
КОИ ЌЕ БИДАТ ЖИРИ И ВОДИТЕЛИ НА НОВИОТ „МАКЕДОНСКИ ИДОЛ“: Во јавноста веќе кружат повеќе имиња
Кој би можел да го води новиот „Македонски идол“ и кој би бил идеален за жирито? Ги издвојуваме старите и новите имиња кои би можеле да се најдат во шоуто.

Наскоро започнуваат аудициите за новото издание на „Македонски идол“, а со тоа во јавноста веќе започнаа да кружат и имиња за тоа кој би можел да биде водител на новата сезона на култното музичко шоу.
Јавноста добро се сеќава дека на првото издание, покрај натпреварувачите, огромно внимание привлекуваа и жирито и водителите. Жири-комисијата тогаш ја сочинуваа Игор Џамбазов, Тони Михајловски и Калиопи, додека водители беа Ненад Ѓорѓиевски и Ивана Хаџиевски.
По повеќе од 15 години, се поставува прашањето – кој би можел сега да застане пред камерите и да го води новиот „Македонски идол“?
Секако, една од опциите би била враќање на некои од лицата кои беа дел од првото издание, доколку тие би прифатиле повторно да бидат дел од шоуто. Но, истовремено, се отвора и прашањето дали новото издание би требало да донесе помлади, поенергични и посовремени водители, кои би биле поблиски до новата генерација кандидати и публика.
Во скопските кулоари веќе се дискутира оваа тема, а дополнителен интерес предизвика и моментот кога уредникот на Првиот програмски сервис на МРТ, Стојан Трпчевски, при најавата на враќањето на шоуто седеше на иста маса со водителот Ненад Ѓорѓиевски и Марјана Станојковска.
Оттука веднаш се отвори прашањето – дали Ненад и Марјана би можеле да бидат идните водители на „Македонски идол“?
Но, низ разговорите и шпекулациите се споменуваат и други имиња. Меѓу потенцијалните кандидати за водителскиот пар се споменуваат Антонио Ташковски – 1човек и Александар Михајловски – Син на мајка, во комбинација со женско лице како талентираната Јована Спасиќ. Како интересно име кое би можело да се вклопи во ваков формат се споменува и Стефан Николовски.
Овде се споменуваат и имиња како познатиот на Инстаграм Кристијан Станковски – Бомбакис, во комбинација со неговиот другар и веќе искусен Марко Новески.
Можеби добро би се вклопиле и други имиња кои беа дел од првиот „Идол“, но овојпат во друга улога – како жири или водители. Тука би ги издвоиле Виктор Апостоловски и Јана Бурче.
Или пак, доколку МРТ се одлучи за поискусни музички имиња, во комбинација би можеле да се најдат Дарко Димитров, Јован Јованов, Елвир Мекиќ и други лица од македонската музичка сцена.
Засега, сепак, нема официјална потврда ниту за водителите, ниту за составот на жирито. Дали МРТ ќе се одлучи за добро познатите лица од првото издание, за нова генерација телевизиски лица или за комбинација од двете – останува да видиме.
Точна информација немаме. Ова се само наши претпоставки и муабети. Но, едно е сигурно: по повеќе од една деценија, враќањето на „Македонски идол“ повторно ја раздвижи македонската јавност. Изборот на водители и жири ќе биде еден од најинтересните делови од новото шоу.
До тогаш, да се потсетиме на легендарните настапи:
