(ИНТЕРВЈУ) ДАРКО ДАМЈАНОВСКИ ЗА 24ЧАСА: По 24 години, македонското скијање добива шанса за нов почеток
Поранешниот олимписки нордиски скијач, Дарко Дамјановски очекува новото раководство на Скијачката федерација да создаде професионален систем, да ја зголеми масовноста и да ги подобри условите за спортистите. Тој поставува амбициозна цел – Македонија да има нордиска штафета на Зимските олимписки игри во 2030 година.

По 24 години, Скијачката федерација на Македонија доби ново раководство, предводено од Ивана Ивчевска. Промената отвора прашања за иднината на зимските спортови, условите за натпреварувачите и можноста за создавање нови генерации скијачи.
Дарко Дамјановски, македонски нордиски скијач и учесник на Зимските олимписки игри во Торино 2006, Ванкувер 2010 и Сочи 2014, смета дека промената може да означи почеток на нова етапа во македонското скијање. Во интервју за „24часа“, тој зборува за проблемите со кои се соочуваат спортистите, очекувањата од новото раководство, плановите за Маврово и визијата за настап на нордиска штафета на Олимписките игри во 2030 година.
24часа: По 24 години, Скијачката федерација на Македонија добива ново раководство. Што значи оваа промена за македонското скијање и дали очекувате нов почеток за спортот? Која е Ивана Ивчевска и што очекувате од неа?
Дарко Дамјановски: Како што кажав и претходно, по 24 години конечно ставивме крај на една, да ја наречам, комунистичка структура и режим. Се надевам дека оваа промена ќе значи нов почеток и создавање високо професионален систем, кој во следните четири години ќе даде плодови какви што досега немало во Македонија.
Ивана ја има потребната енергија да ја поттикне масовноста, а кога имате масовност, имате и основа за професионализам. Таа е наша македонска скијачка и претставничка на Олимписките игри во Торино во 2006 година, каде што, според моите сознанија, беше и најмладата натпреварувачка на Игрите. Очекувам нејзината енергија и посветеност да донесат нов импулс во спортот.
24часа: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските скијачи и кои треба да бидат првите конкретни чекори на новото раководство за подобрување на условите, финансирањето и поддршката на репрезентативците?
Дарко Дамјановски: Еден од најголемите проблеми беше односот со тогашниот секретар Борче Јанески. Не успевавме да му објасниме дека спортот не е фирма и дека на спортските работници им се потребни слобода, доверба и услови за работа, а не систем на ограничувања и притисоци.
Со голем труд создававме спортисти, а потоа, според моето искуство, со непромислени постапки се нарушуваше нивниот развој. Верувам дека со новото раководство ваквите ситуации нема да се повторуваат. Во репрезентативниот дел треба да воспоставиме чисто професионален пристап, а во клубовите да изградиме атмосфера на соработка и пријателство.
Во минатото, според мене, беа создадени поделби и непотребна нетрпеливост меѓу деца спортисти на возраст од осум, десет, дванаесет и четиринаесет години. Тоа мора да се промени.
Финансирањето секако е еден од најголемите проблеми. Но, со добро менаџирање, заедничка работа и правилно поставени приоритети верувам дека можеме да го надминеме и да го подигнеме спортот на ниво што му доликува.
24часа: По 50 години, повторно се отвора можноста за заживување на нордиското скијање во Маврово. Каква улога треба да има новата федерација во поддршката на ваквите проекти и дали ова може да биде почеток на посериозен развој на нордиското скијање во Македонија?
Дарко Дамјановски: Уште од првиот ден почнавме со подготовка и изработка на стратегија за развој на овој спорт, кој, за жал, е во изумирање.
Со голем ентузијазам, заедно со тренерот Борче Јованоски и со поддршка од претседателката Ивана Ивчевска, верувам дека можеме да постигнеме нешто што денес изгледа речиси невозможно – обновување и развој на нордиското скијање.
Маврово има потенцијал повторно да стане значајно место за оваа дисциплина. Потребни се добра организација, долгорочна стратегија и поддршка за спортистите. Верувам дека ова може да биде почеток на посериозен развој на нордиското скијање во Македонија.
24часа: Како олимписки скијач, што сметате дека ѝ недостасува на Македонија за повторно да има натпреварувачи на Зимските олимписки игри? Може ли новото раководство да направи пресврт во работата со младите категории и создавањето нови генерации скијачи?
Дарко Дамјановски: Неопходно е да се направи добра стратегија, долгорочен развоен циклус и правилна селекција на млади спортисти. Тие треба во следните осум години да бидат вклучени во професионален систем, кој несомнено ќе донесе напредок и врвни резултати.
Мојата амбиција е Македонија конечно да има четворица натпреварувачи во нордиско скијање и штафета на Олимписките игри во 2030 година, со што би се обиделе да се пласираме меѓу 15-те најдобри држави во светот. Тоа е голема цел, но сметам дека со правилна работа и сериозна поддршка можеме да направиме значаен исчекор.
Ова нема да биде реално без поддршка од Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, кој досега ни даваше, а верувам дека и во иднина ќе ни дава поддршка.
24часа: Што конкретно очекувате од новото раководство во следните четири години и кои резултати би покажале дека промената по 24 години навистина донела напредок?
Дарко Дамјановски: Прво очекувам да се консолидираме и сите да работиме сложно. Треба да си помагаме меѓусебно, да ги обединиме зимските спортови и заеднички да работиме на остварување на целите што сме ги поставиле.
Нашиот прв приоритет е масовноста, а потоа и конкретните спортски резултати. Ако успееме да привлечеме повеќе деца, да им обезбедиме квалитетни услови за тренинг и да создадеме професионален систем, тогаш ќе имаме основа за напредок.
Ја познавам Ивана, знам каков човек е и каква енергија поседува. Верувам дека заедно можеме да направиме вистински бум и македонското скијање да добие нова перспектива. Најважно е промената да се почувствува во клубовите, кај младите спортисти и во резултатите на репрезентацијата.
