Македонија

ОКОЛУ 40 % ОД ВРАБОТЕНИТЕ ЗЕМААТ ПЛАТА БЛИСКУ ДО МИНИМАЛНАТА: Треновски предупредува за проблем во структурата на примањата

Професорот Борче Треновски предупредува дека околу 40 отсто од вработените во Македонија примаат од една до една и пол минимална плата и повикува на раст на сите примања.

ОКОЛУ 40 % ОД ВРАБОТЕНИТЕ ЗЕМААТ ПЛАТА БЛИСКУ ДО МИНИМАЛНАТА: Треновски предупредува за проблем во структурата на примањата

Околу 40 отсто од вработените во Македонија примаат плата во распон од минималната до една и пол минимална плата, предупредува универзитетскиот професор Борче Треновски. Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој посочи дека иако само околу три проценти од вработените земаат точно минимална плата, голем дел од работниците имаат примања малку над неа.

Голем дел од работниците се на плати блиски до минималната

„Ако го земете распонот од една до една и пол минимална плата, доаѓате до околу 40 проценти“, истакна Треновски. Според него, ваквата структура создава притисок секое зголемување на минималната плата да биде проследено со корекции и кај другите категории вработени. Тој посочи дека во некои европски земји постои поголема разлика меѓу минималната плата и останатите примања, што овозможува поинаква структура на платите.

Треновски – Потребен е раст на сите плати, а не само на минималната

Треновски нагласи дека минималната плата треба да претставува основен праг, но економската политика треба да овозможи раст на примањата пошироко. „Минималната плата е само подот, социјалниот под. Ние не треба да се бориме само за минималната плата. Треба да се бориме за ситуација во која ќе растат сите плати“, порача професорот. Тој додаде дека повисоките примања треба да бидат поврзани со продуктивноста, квалификациите и способноста на компаниите долгорочно да ги исплаќаат. Предупреди и дека промените на минималната плата влијаат врз јавниот сектор, каде што дел од платите се уредуваат со законски механизми.