Македонија
Дознај прв
КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ЈАНИ МАКРАДУЛИ: Македонска Пошта оштетена за речиси 179.000 евра
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Пошта, Јани Макрадули, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и штета од казнена камата од речиси 179.000 евра.

Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Јани Макрадули, поранешен генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија“. Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, според член 353 од Кривичниот законик. Пријавата се однесува на периодот од 2021 до 2022 година, кога, според Финансиската полиција, Макрадули не постапил по одлуки на Управниот одбор за исплата на обврски кон две правни лица. Станува збор за долг во вкупен износ од 19.292.984 денари, односно околу 314.000 евра.
Не ги потпишал документите за исплата на долгот
Според пријавата, иако му биле доставени потребните документи, Макрадули не ја потпишал спогодбата за исплата, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање. Финансиската полиција наведува дека со таквото непостапување биле овозможени судски постапки против „Пошта“, по кои со пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата.
Штетата од казнената камата изнесува речиси 179.000 евра
На овој начин, според наводите во кривичната пријава, на АД „Пошта на Северна Македонија“ му била предизвикана штета од 10.968.483 денари по основ на казнена камата, што е приближно 178.000 евра. Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје, кое треба да постапува по пријавата. Поднесувањето кривична пријава не значи дека лицето е правосилно осудено.
