Македонија
Дознај прв
ДО 30.000 ДЕНАРИ ПОМОШ ЗА ГРЕЕЊЕ НА ГАС: Продолжен рокот за аплицирање до 31 октомври
Помош за греење на гас до 30.000 денари ќе можат да добијат домаќинствата, а рокот за аплицирање е продолжен до 31 октомври.

Граѓаните кои планираат да преминат на природен гас за греење ќе имаат дополнително време да аплицираат за финансиска поддршка од државата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека рокот за аплицирање за мерката за поттикнување на снабдувањето со гас во домаќинствата е продолжен до 31 октомври 2026 година.
Со оваа мерка се овозможува субвенционирање за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас. За мерката се обезбедени 3 милиони денари, а финансиската поддршка изнесува до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци.
Средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивно целосно искористување.
Право на апликација имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе извршат приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние кои ќе набават котел на гас за објект кој веќе бил приклучен на системот до 1 јануари 2026 година.
Секое домаќинство може да поднесе едно барање, а по истекот на рокот комисија од Министерството ќе ги разгледува апликациите. Средствата ќе им бидат исплатени на барателите кои ги исполнуваат условите.
Целта на мерката е намалување на трошоците за греење, подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување користење почисти енергетски решенија во домаќинствата.
