Македонија

НАЈНИСКО НИВО НА КРИМИНАЛИТЕТ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 20 ГОДИНИ: МВР тврди дека безбедноста во државата е значително подобрена

МВР соопшти дека е достигнато најниско ниво на криминалитет во последните 20 години, со намалување од 30 проценти.

НАЈНИСКО НИВО НА КРИМИНАЛИТЕТ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 20 ГОДИНИ: МВР тврди дека безбедноста во државата е значително подобрена

Министерството за внатрешни работи соопшти дека криминалитетот во државата е на најниско ниво во последните 20 години, а вкупниот криминалитет е намален за 30 проценти. Според МВР, во изминатите две години преку професионална, одлучна и неселективна работа биле постигнати конкретни резултати, а ефикасноста во откривањето на кривичните дела и сторителите достигнала 69 проценти.

Разбиени криминални групи

Од МВР информираат дека во борбата против организираниот криминал биле сузбиени над 30 организирани криминални групи, додека бројот на разбиени групи поврзани со корупција бил зголемен за 50 проценти. Во делот на трговијата со дрога биле откриени над 1.600 кривични дела, пријавени околу 1.900 сторители, а запленети биле 6,2 тони наркотична дрога. Дополнително, биле спречени девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а заплените на кокаин се зголемиле за повеќе од 300 проценти.

Поголема сигурност за граѓаните

Од Министерството посочуваат дека имотниот криминал е намален за повеќе од 30 проценти, додека разбојништвата и разбојничките кражби се намалени за над 40 проценти. Според МВР, зад секоја бројка стои спречено кривично дело, разбиена криминална мрежа, заштитен имот и поголема безбедност за граѓаните. Од таму упатија благодарност до полициските службеници за нивната пожртвуваност и најавија дека ќе продолжат со уште поодлучна работа, бидејќи безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет.