Македонија
Дознај прв
ДУИ ТВРДИ ДЕКА НЕ Е ПРИМЕН НИТУ ЕДЕН АЛБАНЕЦ ВО ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА: Министерството ги отфрли обвинувањата
ДУИ тврди дека годинава не е примен ниту еден Албанец во Воената академија. Министерството откри дека се пријавиле двајца кандидати, од кои едниот се откажал, а другиот бил 43. на ранг-листата.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска обвини дека годинава во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ не е примен ниту еден кадет Албанец, оценувајќи дека тоа се случува за првпат од основањето на институцијата во 1995 година. Од партијата ја обвинија коалицијата Вреди дека не обезбедила соодветна застапеност на Албанците во државните институции. Според ДУИ, ваквиот развој на настаните го нарушува духот на Охридскиот рамковен договор и може негативно да се одрази врз меѓуетничките односи.
Министерството објави колку Албанци се пријавиле за Воената академија
Од Министерството за одбрана ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи ги како паушални и популистички, кои, според нив, водат кон меѓуетничка нетрпеливост. На конкурсо се пријавиле вкупно 99 кандидати, од кои 46 ги исполниле критериумите за селекција. Меѓу пријавените имало двајца кандидати од албанска етничка припадност, еден Ром, еден Влав и 95 Македонци. Едниот албански кандидат се откажал од постапката, додека другиот се пласирал на 43. место на ранг-листата.
„Ќе бидат примени најдобрите од најдобрите“
Од Министерството посочуваат дека правичната застапеност подразбира и граѓаните од различни етнички заедници да се пријавуваат на јавните конкурси, но нагласуваат дека нема да отстапат од принципот за избор на најквалитетните кандидати. Тврдат дека постапката била транспарентна, со објавување на конкурсот во дневни весници на македонски и албански јазик, на веб-страницата на Министерството и преку социјалните мрежи. Одбраната најавува дека и понатаму ќе ја вреднува правичната и соодветна застапеност во Армијата, посочувајќи дека професионалниот напредок е достапен за сите припадници.

