Македонија
Дознај прв
КОЛКУ ЧИНИ МЕСЕЦОТ? Владата ја објави потрошувачката кошница
Министерството за економија објави дека потрошувачката кошница за август изнесувала 58.845 денари, додека синдикалната достигнала 68.675 денари.

Потрошувачката кошница на Министерството за економија за август изнесувала 58.845 денари, што е за речиси 10.000 денари помалку од минималната синдикална кошница, која достигнала 68.675 денари. Ова го соопшти министерот за економија Бесар Дурмиши, посочувајќи дека разликата произлегува од различните методологии за пресметка. Според него, владината кошница се темели на официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка, додека синдикалната ги проценува посакуваните трошоци за живот.
Најголема разлика кај храната и пијалаците
Според пресметката на Министерството, трошоците за храна и пијалаци во август изнесувале 21.132 денари, додека синдикалната кошница за истата категорија предвидувала 25.032 денари. Разликата е 3.900 денари месечно. За пресметката се користат статистички податоци, цени од осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени од поголеми трговски синџири.
Дурмиши: станува збор за различни методологии
Министерот нагласи дека двете кошници не треба да се споредуваат како едната да е поверодостојна од другата, бидејќи се пресметуваат на различен начин. Синдикалната кошница вклучува и трошоци за кирија, алкохол и цигари, додека владината пресметка се заснова на официјални податоци за реалната потрошувачка.
