Магазин
Дознај прв
КРУШЕВО ПОДГОТВЕНО ЗА ИЛИНДЕН: Коњаници, Крушевскиот манифест и музика во центарот
Во Крушево почнува „10 Дена Крушевска Република“, со до 140 коњаници, свеченост на Гумење, Крушевскиот манифест и музичка програма.

Со кревањето на знамето на Крушевската Република и свечена програма, вечерва во Крушево почнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“. Со неа започнуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република. Програмата започнува со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев и посета на Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево.
До 140 коњаници ќе пристигнат во Крушево
Во 18 часот, пред Столбот на Крушевската Република кај црквата „Свети Никола“, ќе бидат пречекани Илинденските коњаници. Се очекува да пристигнат од 120 до 140 коњаници од повеќе места низ Македонија, по што ќе биде формирана поворка до платото на Гумење. Делегациите ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит на гробот на Питу Гули, Партизанските гробишта, гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и бистата на Веле Марко.
Крушевскиот манифест и Црешовото топче
Во 19:30 часот пред Македониумот ќе биде отворена изложбата „Илинденското востание во архивската меморија“, а свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 20 часот на Гумење. Предвидени се обраќање на градоначалникот Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче. Паралелно со свечениот дел, во Градскиот парк ќе се одржува музичка и забавна програма. Централното чествување е закажано за утре, 2 август, на Мечкин Камен.
