Магазин

МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА ГО ОДБЕЛЕЖАА ИЛИНДЕН: Молитва, народни веселби и македонско заедништво

Македонската православна дијаспора во Австралија го одбележа Илинден со литургии, културни настапи, народни веселби и заеднички трпези.

МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА ГО ОДБЕЛЕЖАА ИЛИНДЕН: Молитва, народни веселби и македонско заедништво

Литургии во храмовите на Македонската православна црква

Македонската православна дијаспора во Австралија достоинствено го одбележа Илинден со богослужби и свечености во црковните општини на Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА. Во храмовите биле отслужени свети литургии, на кои било прочитано Илинденското послание на архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан. Во пораката било нагласено дека трите Илиндени од 1903, 1944 и 1991 година го сведочат историскиот континуитет на Македонија и стремежот на македонскиот народ кон слобода и државност. Верниците биле повикани да останат верни на верата, правдата, честа и достоинството.

Храмовите остануваат центри на македонскиот идентитет

По литургиите биле организирани духовни, културни и забавни програми, на кои присуствувале голем број верници, семејства и деца. Илинден бил прославен со културно-уметнички настапи, народни веселби и заеднички трпези во македонските црковни општини низ Австралија. Од епархијата истакнуваат дека православните храмови во дијаспората остануваат важни центри за зачувување на македонскиот јазик, културата, верата и националниот идентитет. Празникот уште еднаш ги обедини Македонците во Австралија и ја потврди нивната силна поврзаност со татковината.

ОЗНАКИ: илинден