Спорт

ИЏЕ СО НОВ МОЌЕН БОЛИД ТРГНУВА ПО ЕВРОПСКИ ПОБЕДИ: Промовирана „Norma M20“ на Водно

ИЏЕ СО НОВ МОЌЕН БОЛИД ТРГНУВА ПО ЕВРОПСКИ ПОБЕДИ: Промовирана „Norma M20“ на Водно

Ново поглавје во кариерата на македонскиот автомобилист

Најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе го промовираше новото натпреварувачко возило „Norma M20“, со кое ќе настапува во претстојната сезона. Промоцијата се одржа денеска на Водно, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски. Новиот тркачки прототип претставува значаен чекор во кариерата на Иџе и е дел од подготовките за новите предизвици на европската сцена. Македонскиот шампион и оваа сезона ќе се натпреварува за највисок пласман и нови победи на европските патеки.

Ристовски најави продолжување на поддршката

Министерот Ристовски истакна дека успесите на Иџе претставуваат инспирација за младите генерации и доказ дека македонските спортисти можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во Европа. Тој го нарече Стефановски еден од најсилните амбасадори на македонскиот спорт, нагласувајќи дека секој негов настап значи промоција на државата. Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува спортистите кои со резултатите и професионалниот однос ја афирмираат Македонија на меѓународната сцена. Со новото возило, Иџе отвора ново поглавје во кариерата и најавува продолжување на успешната европска приказна.