Спорт

ЛИНА ЃОРЧЕСКА СО ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ИСТАНБУЛ: Ја елиминираше третата носителка на турнирот

Лина Ѓорческа со 2-1 ја совлада Берфу Ченгиз на ИТФ W50 турнирот во Истанбул и се пласираше во следното коло.

ЛИНА ЃОРЧЕСКА СО ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ИСТАНБУЛ: Ја елиминираше третата носителка на турнирот

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со победа го започна настапот на ИТФ W50 турнирот во Истанбул, откако по голема борба ја совлада домашната тенисерка Берфу Ченгиз, третата носителка на турнирот. Ѓорческа славеше со 2-1 во сетови (3:6, 7:6, 6:4), по меч што траеше два часа и 42 минути. Македонската тенисерка губеше со 1:5 во првиот сет, кој на крајот го загуби со 3:6, но успеа да се врати во игра и да го израмни резултатот во сетови преку тајбрејк, кој го доби со 7:1. Во решавачкиот сет, Ченгиз поведе со 3:0, но Ѓорческа повторно направи пресврт, израмни на 3:3 и по 4:4 ги освои последните два гема за конечна победа од 6:4.

Следна противничка на Лина Ѓорческа е Ралука Шербан

Во следното коло Ѓорческа ќе игра против тенисерката од Кипар, Ралука Шербан, која ја совлада Екатерина Тупицина со 2-0 во сетови (6:3, 6:4). Двете тенисерки досега одиграле седум меѓусебни натпревари, а Ѓорческа води со 4:3 во победи.

Турнир со награден фонд од 40.000 долари

Победата над Ченгиз е втора за Ѓорческа во третиот меѓусебен дуел со турската тенисерка. Турнирот во Истанбул се игра за награден фонд од 40.000 американски долари, а македонската тенисерка ќе се обиде да продолжи со добрите настапи и во следната рунда.