Македонија
Дознај прв
МАЦИНКА ОД ОХРИД: процесот со Бугарија веќе не е билатерално, туку европско прашање
Чешкиот министер Петар Мацинка од Охрид порача дека спорот со Бугарија веќе не е билатерален, туку европски, и најави поддршка од Прага.

Чешка подготвена да помогне во надминување на спорот
Чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка порача дека прашањето меѓу Македонија и Бугарија повеќе не треба да се третира како исклучиво билатерален спор, туку како европско прашање. По средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид, Мацинка истакна дека тоа произлегува од заклучоците на Европскиот совет од 2022 година. Тој нагласи дека Европската Унија има силен интерес од процесот на проширување и треба да го препознае напредокот што Македонија го постигнала. Чешка, според него, е подготвена активно да придонесе во разговорите и да помогне во изнаоѓање решение прифатливо за двете страни. Мацинка посочи дека добрите односи на Прага и со Скопје и со Софија можат да помогнат во надминувањето на спорот.
Муцунски: јазикот и идентитетот не се предмет на преговори
Муцунски повтори дека Македонија е подготвена за дијалог со Бугарија, но категорично порача дека прашањата за македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата не може да бидат предмет на преговори или услов за европскиот пат. Тој нагласи дека земјата не бара привилегиран третман, туку фер и предвидлив европски процес, во кој напредокот ќе се оценува според европските стандарди и критериуми. Мацинка воедно информираше дека чешкиот премиер Андреј Бабиш во следните три недели планира посета на Софија, при што европската интеграција на Македонија би можела да биде една од темите на разговор.
