Македонија

МИЦКОСКИ ЗА 23 ОКТОМВРИ: Татковината се создаваше низ лелеци и крици, низ постојана жртва

Христијан Мицкоски порача дека македонската татковина е создадена низ лелеци, крици и постојана жртва, а не со подарена слобода.

МИЦКОСКИ ЗА 23 ОКТОМВРИ: Татковината се создаваше низ лелеци и крици, низ постојана жртва

Премиерот Христијан Мицкоски, по повод Денот на македонската револуционерна борба, порача дека македонската држава е создадена низ страдања, жртви и долготрајна борба за слобода. Во своето обраќање тој нагласи дека патот до државноста не бил лесен, туку исполнет со историски искушенија и пожртвуваност. „Татковината Македонија се создаваше низ лелеци и крици, низ постојана жртва, не низ аплаузи и подарени слободи“, истакна Мицкоски. Со оваа порака тој се осврна на историската цена на македонската слобода и државност.

Мицкоски: Слободата не е подарок

„Затоа, на 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата за која тие се бореа, за која тие живееја и за која тие ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас? Пред повеќе од еден век, во Солун, започна организираното револуционерно движење кое длабоко ќе ја одбележи македонската историја. Формирањето на ВМРО недвосмислено одбележа една неповторлива епоха и голгота кои се автентичен израз на македонската слободарска мисла и дејание. Неговите основачи немале држава зад себе, немале институции што ќе ги заштитат, ниту сигурност дека ќе го дочекаат исполнувањето на својата цел. Но имале вера, имале храброст, имале цел. Имале убедување дека нашиот народ заслужува слобода и решеност за таа слобода да преземат лична одговорност“.

Во своето обраќање истакна дека кога некој од страна, а неретко и некој од сопствениот род, ќе сака да си поигра или да ја омаловажи улогата и големината на нашето револуционерно дело, да нè прикаже како вакви или такви, како мали и неважни, нека не заборава дека сè уште во нас живее пркосот на Узунов, посветеноста на Груев, мудроста на Татарчев, храброста на Питу, големината на Гоце. Тоа се луѓето од нашиот род пред чие дело и чии свети идеали се поклонуваме.