Македонија
Дознај прв
МИЛИОНСКА ПРОНЕВЕРА ТЕШКА 2,26 МИЛИОНИ ЕВРА: Шест лица и две фирми под истрага
ОЈО ГОКК истражува шест лица и две фирми за проневера и перење пари во износ од 138,8 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра.

Милионска проневера: Извештаи со лажни податоци и проневерени милиони
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест физички и две правни лица поради сомнение за „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Според досега обезбедените докази, првоосомничениот, сопственик и управител на правно лице од село Кучевиште, во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година присвоил 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра. Тој, како што информираат од Обвинителството, изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила и невистинити уплатници за надоместоци за јавни патишта. Во извршувањето и прикривањето на делото, според сомненијата, му помагале двајца извршни членови на Одборот на директори во осигурително брокерско друштво, сметководител и управител на друштво за книговодствени услуги и консалтинг.
Парите префрлани меѓу фирми и вложувани во недвижности
За помагање при проневерата е осомничен и раководителот на станица за технички преглед, кој изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци. Наплатените средства, според Обвинителството, биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво, по што биле префрлани меѓу сметките на правните лица и мешани со приходите од редовното работење. Дел од парите бил употребен и за купување недвижности во корист на правното лице. Помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта е осомничена дека свесно не преземала дејствија за контрола на наплатата, а на раководителот на станицата му ги соопштувала износите наплатени на сметката на претпријатието. Обвинителството побара притвор за тројца осомничени, додека за едно лице предложи мерки на претпазливост.
