Македонија
Дознај прв
МНР РЕАГИРА: Изјавите за Ива Михајлова се навредливи и претставуваат мешање во внатрешните работи на Македонија
Македонското МНР го повика претставникот на бугарската амбасада по изјавите на Иван Демерџиев и Желјазко Радуков за случајот со Ива Михајлова.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше на изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, и на бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков во врска со случајот со Ива Михајлова. Од македонското МНР оценуваат дека изјавите се навредливи и провокативни, а истовремено претставуваат мешање во внатрешните работи на државата.
МНР реагира за Ива Михајлова
Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска бил повикан претставник на Амбасадата на Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот Радуков ја извршува функцијата вршител на работи.
На средбата било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, поврзана со случајот со Ива Михајлова. Од македонското МНР ја оцениле изјавата како навредлива и провокативна.
Радуков обвинет за мешање во внатрешните работи
Незадоволство било изразено и од изјавата на амбасадорот Радуков за бугарската телевизија БТВ. Според македонското МНР, изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции претставуваат директно мешање во внатрешните работи на државата.
Од Министерството посочуваат дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од принципите врз кои треба да се развиваат добрососедските односи – меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.
МНР предупредува на можна институционална реакција
На средбата било укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција, во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата домаќин.
Од македонското МНР повторно ја нагласиле посветеноста на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, додавајќи дека истата посветеност и одговорност ја очекуваат и од бугарската страна.
