Магазин
Дознај прв
МОН ВЛОЖУВА 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ОХРИД: Се реконструираат училишта, центри и студентски дом
МОН вложува 5,5 милиони евра во образовната инфраструктура во Охрид, со реконструкција на училишта, центри и студентски дом.

Министерството за образование и наука инвестира околу 5,5 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура во Охрид. Инвестицискиот циклус опфаќа реконструкција и опремување на образовни објекти, со цел учениците, студентите и наставниците да добијат подобри услови за работа и учење.
Реконструкција на гимназијата и стручните училишта
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Кирил Пецаков, изврши увид во градежните активности во гимназијата „Св. Климент Охридски“. Таму се работи на реконструкција на кровот и замена на столаријата, проект што го реализира Општина Охрид и е вреден над 50 милиони денари. Со поддршка од Европската Унија и УНДП, целосно се реконструирани и опремени Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“, како и кабинетите и работилниците за практична настава во електро-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“.
Следи обнова на студентскиот дом „Никола Карев“
За темелната реконструкција и опремување на Регионалниот центар „Ванчо Питошески“ се вложени над 120 милиони денари, додека за кабинетите и работилниците во „Св. Наум Охридски“ се инвестирани 19,5 милиони денари. Следниот капитален проект е целосната реконструкција на државниот студентски дом „Никола Карев“, инвестиција вредна околу 200 милиони денари. Според Јаневска, студентскиот дом треба да биде целосно обновен, енергетски ефикасен и современо опремен. Вкупниот инвестициски циклус на МОН во Охрид изнесува околу 340 милиони денари, односно 5,5 милиони евра.
