Македонија
Дознај прв
Одложено испитувањето на сведоците во случајот „Лотарија“, за доказите одбраната ќе се произнесе на 30 октомври

Одбраната во предметот „Државна лотарија“ ќе достави писмени поднесоци со образложение на околностите што треба да се утврдат со предложените докази, откако на денешното рочиште не беа испитани двајцата најавени сведоци поради нивното отсуство. Судот предложи сведоците да бидат испитани на рочиштето закажано за 30 октомври.
Судот констатира дека едниот сведок не е во можност да присуствува на главната расправа, за што претходно го известил јавниот обвинител. Отсуството на другиот сведок, пак, како што беше посочено, е поради службено патување, за што обвинителството треба да достави соодветно известување до судот.
Судијата предложи двајцата сведоци да бидат испитани на рочиштето закажано за 30 октомври, со цел да не се менува дополнително распоредот за нивното испитување.
Поради отсуството на сведоците, судот продолжи со разгледување на прашањата поврзани со предложените докази. Повеќе бранители најавија дека ќе достават писмени поднесоци во кои поединечно ќе ги образложат околностите што треба да се утврдат со изведувањето на секој доказ, по што Јавното обвинителство ќе има можност да се произнесе.
Судијата посочи дека одбраната треба за секој предложен доказ да ги наведе околностите чие утврдување го предлага со неговото изведување на главната расправа. Поднесоците треба да му бидат доставени на Јавното обвинителство пред рочиштето на 30 октомври, за обвинителите да имаат доволно време да ги разгледаат.
На денешното рочиште беше разгледано и барањето на одбраната на обвинетиот Александар Димитријевски за доставување на оригиналната документација поврзана со процената и вештачењето. Судот констатира дека е доставено известување од Министерството за правда – Бирото за процена, во кое е наведено дека Бирото нема надлежност да ја достави бараната процена на странката, бидејќи таа била изработена по барање на друг нарачател.
Главната расправа треба да продолжи утре, 21 октомври, во 11 часот. На рочиштето на 30 октомври е предвидено произнесување во однос на материјалните докази, како и испитување на двајцата сведоци.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, второобвинет во предметот, минатата недела излезе од домашен притвор по истекот на максимално предвидениот законски рок за оваа мерка. Неговата одбрана во меѓувреме доставила барање до судот за укинување и на дополнителните мерки на претпазливост. Како гаранција дека ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка, понуден е недвижен имот во вредност од 335.707 евра.
Во предметот „Државна лотарија“, Груби е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со уште седум лица. Обвинението беше поднесено на 13 август 2026 година, а Груби на судењето се изјасни за невин.
Поранешниот вицепремиер во февруари годинава се врати во земјата по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот и беше приведен на граничниот премин Блаце.
