Дознај прв
ПО 20 ГОДИНИ ПОВТОРНО ПОСТАВЕНА БИСТАТА НА СТИВ НАУМОВ: Обновен споменикот во студентскиот дом во Автокоманда
По речиси 20 години, во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје повторно е поставена биста на народниот херој, а во домот се сместени вкупно 1.152 студенти.

Во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда повторно е поставена биста на народниот херој Стефан Стив Наумов, речиси две децении откако претходната била украдена. Новиот споменик беше официјално откриен на денот кога се одбележуваат 106 години од неговото раѓање, во присуство на претставници на Сојузот на борци од НОВ, кои положија цвеќе. Поставувањето е реализирано на иницијатива на неговиот внук од сестра, Димитар Бојков, во соработка со Министерството за образование и наука, Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба и раководството на Државниот студентски дом „Скопје“.
Обновен споменик по речиси две децении
Бојков изрази благодарност до министерката за образование и наука Весна Јаневска и нејзините соработници за обезбедените средства, а за изработката на новата биста е заслужен вајарот Далибор Николовски – Дачо. Претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба, Трајче Георгиевски, истакна дека со обновувањето се одбележува роденденот на херојот кој загинал пред да наполни 22 години. Тој порача дека спомениците на луѓето кои ги дале животите за слободата треба да се чуваат и почитуваат.
Во домот сместени 1.152 студенти
Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Александар Каровски, се заблагодари за поддршката од Владата и МОН, истакнувајќи дека реконструкцијата обезбедила подобри услови за студентите. Во однос на поплаките за прокапување, тој рече дека станува збор за тековни проблеми предизвикани главно од затнувања, кои се санираат преку изведувачите. Каровски додаде дека објектот има 18-годишна гаранција и апелираше до студентите да го почитуваат куќниот ред и да ја чуваат опремата. Во „Стив Наумов“ моментално се сместени 1.014 студенти во зградите и уште 138 во бараките, а на располагање им се читална, менза и други заеднички простории.
