Свет
Дознај прв
ПОТРАГА ПО ЛАВИЦА ВО ИСТАНБУЛ: Повеќе од 12 часа трае акцијата, жителите повикани да не излегуваат од домовите
Повеќе од 12 часа трае потрагата по лавица забележана во населба во Истанбул. Екипите се обидуваат да ја заловат жива, а жителите се повикани да останат дома.

Повеќе од 12 часа трае опсежна акција за пронаоѓање на лавица која синоќа околу 18 часот била забележана во истанбулската населба Ускумрукој, во општината Саријер. Иако теренот постојано се надгледува, животното во текот на ноќта не било повторно регистрирано на термалните камери, пренесува турскиот портал „Хаберлер“. На терен се распоредени полицијата, жандармеријата, општинските служби и Управата за заштита на природата и националните паркови, заедно со ветеринарни тимови.
Се обидуваат да заловат лавица
Екипите користат и пушки со средства за успивање, со цел животното да биде заловено живо и неповредено, но досегашните обиди не биле успешни. Градоначалникот на Саријер, Октај Аксу, за „Си-ен-ен Турк“ изјавил дека првичните проценки укажуваат оти најверојатно станува збор за припитомено животно. Според него, лавицата била забележана во шумски предел во близина на станбен комплекс, а поминала покрај кокошки без да покаже агресија или да ги нападне.
Жителите повикани да останат во домовите
Еден од очевидците раскажал дека животното ненадејно му истрчало пред автомобилот додека се движел низ реонот. Поради безбедноста на населението и непречено спроведување на акцијата, градоначалникот Аксу упатил итен апел до жителите да не ги напуштаат своите домови додека не заврши потрагата.

