Македонија
Дознај прв
„СЕЈФ СИТИ“ ГИ ПРОВЕРУВА КАМЕРИТЕ ЗА УБИСТВОТО КАЈ СМИЛКОВЦИ: Се бараат сомнителни возила на скопската обиколница
Во истрагата за убиството кај Смилковци се проверуваат снимките од „Сејф сити“, сомнителни возила и телефонската комуникација на жртвата.

Во истрагата за убиството на 38-годишниот маж кај Смилковци, истражителите ги проверуваат снимките од камерите на системот „Сејф сити“, поставени на клучките долж скопската обиколница. Целта е да се идентификуваат сомнителни возила што би можеле да се поврзат со злосторството. Според првичните информации, автомобилот „мерцедес“ на жртвата се упатил кон местото на убиството непосредно пред 5 часот наутро, а телото го пронашол случаен минувач околу 6:15 часот.
Еден куршум предизвикал обилно крварење
Обдукцијата покажала дека жртвата била погодена со еден куршум во ногата, кој повредил голема артерија и предизвикал обилно крварење. Мобилниот телефон на мажот бил во автомобилот, но тој не успеал да стигне до него за да повика помош. При увидот биле барани чаурата и куршумот, кои треба да помогнат во истрагата.
Се проверуваат телефонот и движењето преку базните станици
Полицијата го вештачи телефонот на жртвата, а ги проверува и неговата комуникација и движењето преку базните станици. Од полицијата информираат дека се преземаат интензивни мерки за откривање на сторителот и утврдување на сите околности на убиството.

