Македонија
Дознај прв
НОВИ КАЗНИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“: Камерите ќе регистрираат и непрописно паркирање и запирање
Камерите на „Безбеден град“ ќе регистрираат непрописно паркирање и запирање на булеварите. Тошковски најави нови контроли и известувања за возачите.

Системот „Безбеден град“ наскоро ќе добие нова функционалност со која ќе регистрира и санкционира непрописно паркирање и запирање на булеварите и главните крстосници низ државата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека новите контроли треба да започнат да се применуваат до крајот на 2026 година. Првично, фокусот ќе биде на најфреквентните сообраќајници во Скопје, но контролите ќе се прошират и во другите градови. Досега постоел технички проблем со автоматското препознавање на прекршоците, особено во услови на сообраќаен метеж, кога системот тешко разликувал возило запрено во колона од возило кое непрописно застанало.
Известувања преку СМС и електронска пошта
Тошковски најави дека во наредниот месец до месец и половина се очекува да започне доставувањето известувања до возачите преку СМС-пораки или електронска пошта. Новата функционалност треба да овозможи автоматско регистрирање на возилата кои непрописно запираат или паркираат на сообраќајниците.
Нема казни за возила заглавени во метеж
Од Министерството најавуваат дека системот ќе санкционира само кога недвосмислено ќе може да се утврди дека е направен прекршок. Целта е да се избегнат неправедни казни за возачите кои се затекнале во сообраќаен застој и не можат да продолжат со движењето. Со новата функционалност, „Безбеден град“ ќе добие поширока улога во контролата на сообраќајот и дисциплината на главните градски сообраќајници.

