Хроника

ТРАГЕДИЈАТА ВО БОГДАНЦИ ИМАЛА ПРЕТХОДНИ ПРИЈАВИ: Билјана Кириќ со месеци била малтретирана, институциите под лупа

17-годишната Билјана Кириќ претходно пријавувала насилство и закани од 21-годишниот Виктор Гунтаров. Се бара независна истрага за постапувањето на институциите.

ТРАГЕДИЈАТА ВО БОГДАНЦИ ИМАЛА ПРЕТХОДНИ ПРИЈАВИ: Билјана Кириќ со месеци била малтретирана, институциите  под лупа

Трагедијата во Богданци, во која животот го загубија 17-годишната Билјана Кириќ и 21-годишниот Виктор Гунтаров, отвори сериозни прашања за постапувањето на институциите по претходните пријави за насилство. Според член на семејството, со кого разговарал „Слободен печат“, девојката со месеци била физички малтретирана и напаѓана од Гунтаров, а претходно го пријавувала и во полиција. Од Обвинителството потврдиле дека во граѓанска постапка на осомничениот му биле определени мерки за заштита од семејно насилство. Особено загрижува фактот што пријави за насилство имало и пред трагичниот настан.

Билјана претходно пријавувала напади и закани

На 16 октомври, Билјана повторно пријавила загрозување на сигурноста, а претходно, на 30 септември, била физички нападната во семејната куќа на Гунтаров. Според информациите, тогаш ѝ било заканувано, а ѝ бил оштетен и мобилниот телефон за да не може да повика полиција. За овој случај МВР поднело кривична пријава против 21-годишниот Гунтаров за телесна повреда. Според досегашните информации, во последниот настан тој ја присилил девојката да влезе во автомобилот, го запалил возилото, а потоа и самиот го загубил животот.

Се бара независна истрага за постапувањето на институциите

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара темелна и независна истрага за трагедијата, со посебен фокус на постапувањето на институциите и мерките преземени по претходните пријави. Од организацијата отвораат прашање дали системот ги презел сите неопходни чекори за заштита на малолетната девојка. Тие предупредуваат дека случајот повторно ја наметнува потребата од законски и институционални промени за подобра заштита на жртвите на насилство.

 

ОЗНАКИ: богданци
Жан Митрев